Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Уставен ја одложи расправата за јазиците, за Костадиновски судот е изложен на уцени, притисоци и закани

Наместо расправа за оспорените иницијативи за измени на Законот за употреба на јазиците, со пет гласа „за“ и еден „против“ Уставниот суд одлучи прво да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат Законот и оние што го поддржуваат, но пред се експерти. Откако уставните судии ќе ги слушнат мислењата, ќе го стават Законот на дневен ред па ќе одлучуваат.

„Дали за еден, два, три месеци плус или минус, овој суд ќе донесе одлука“, рече претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.

На прес конференцијата после седницата, претседателот на Уставниот суд додаде дека воопшто не сака да комуницира и полемизира со политичарите и нагласи дека неговото обраќање е во насока да ги уверат граѓаните во независноста и непристрасноста на судот.

„Повеќе пати имам кажано дека нема да дозволам Уставниот суд да биде уценуван од никого и нема да дозволам да биде под притисоци и закани од било кого. Секој што мисли дека владеењето на правото, правната држава ќе ја попречат со политичко влијание и со манипулации, воопшто да не се трудат. Такво нешто нема да се случи. Уставниот суд има јасни надлежности, ги црпи од Уставот. Уставниот суд е чувар на Уставот и го чува во таква форма, таков како што е“, нагласи Костадиновски.

Седницата започна без да присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набрзо по нејзиниот почеток судницата ја напушти и судијата од турска националност Фатмир Скендер.

Уставниот суд требаше да одлучува за уставноста на Законот за употреба на јазиците, по иницијативите во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот.

Откако во 2019, кога стапи на сила, законот беше оспорен со 12 иницијативи пред Уставниот суд.

Уставните судии ги споија во еден предмет кој е на дневен ред наденешната седница. Еден од аспектите што се оспорува своевремено предизвика реакции и од меѓународната заедница и од Венецијанската комисија, е примената на законот во правосудните постапки.

Венецијанската комисија во 2019 забележува и дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои, исто така, и за другите јазици на заедниците.

Опозиционата албанска партија ДУИ и партиите кои се дел од Европскиот фронт во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.

Од ДУИ претходнио соопштија дека доколку Уставниот суд одлучи да ги укине оспорените одредби од Законот за употреба на јазиците, „последиците ќе бидат непоправливи“.

Зачлени се на нашиот е-билтен