Уставниот суд отвори постапка за законските измени со кои беа намалени судиските плати

Уставен суд на Република Северна Македонија одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на измените на Законот за платите на судиите, донесени во февруари 2024 година, со кои беа намалени коефициентите за пресметка на судиските примања.

По завршувањето на седницата, претседателот на Судот Дарко Костадиновски изјави дека мнозинството уставни судии оцениле оти ваквите законски интервенции претставуваат директен упад во финансиската и функционалната независност на судската власт и се спротивни на меѓународните стандарди.

Тој нагласи дека платите на судиите не се техничко, туку статусно прашање, кое според меѓународното право и препораките на Советот на Европа и Европската повелба за статусот на судиите, не смее да се намалува за време на мандатот, дури ни во услови на економска криза.

Иницијативите за поведување постапка беа поднесени од судии и обвинители и се однесуваат на законските измени со кои коефициентите за пресметка на платите во просек беа намалени за 0,5 процентни поени. Костадиновски појасни дека одлуката на Судот не значи зголемување на платите, туку спречување на нивно понатамошно намалување и заштита на уставно загарантираната судска независност.

Одлуката доаѓа во период на засилени јавни критики од страна на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кон судската власт, поврзани со оценките за нејзината ефикасност и довербата кај граѓаните.

На истата седница, Уставниот суд ја одложи расправата за измените на Кривичниот законик, поради поднесени нови предлог-измени во Собранието, додека за линеарното зголемување на пензиите не беше донесена одлука поради изедначен резултат при гласањето. Предметот ќе се разгледува по комплетирањето на судскиот состав.

Дополнително, Судот поведе постапка и за одредби од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, кои се однесуваат на јавноста и можноста за објавување и на неправосилни судски одлуки, оценувајќи дека тоа е важен елемент за зајакнување на транспарентноста и довербата во судството.

Извор: 360 степени

Зачлени се на нашиот е-билтен