Уставниот суд предупредува на можен правен вакуум поради доцнењето на измените во Кривичниот законик

Уставниот суд на Македонија предупредува дека доколку до крајот на декември не започне постапката за усвојување нови измени во Кривичниот законик, постои ризик некои тешки кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, да останат без правна санкција.

Судот уште во февруари годинава побара од Собранието да подготви нови законски решенија кои ќе ги заменат измените усвоени во 2023 година, со кои беа намалени казните и роковите за застарување на повеќе кривични дела. Тие измени доведоа до прекин на бројни судски постапки и до ослободување на голем број лица обвинети за злоупотреби на службената должност.

Со одлуката од февруари, Уставниот суд му даде шестмесечен рок на законодавниот дом да изготви нови одредби. Рокот истече во август, а досега не е започната постапка за нивно усвојување.

Според уставните судии, во декември ќе биде донесена конечна одлука за уставноста на измените во Кривичниот законик од 2023 година. Можните решенија вклучуваат поништување на делови од законот, поништување на целиот закон или укинување со одложено дејство, што би овозможило дополнително време за усогласување со нови законски решенија.

Една од опциите што се разгледуваат е примената на таканаречена „одложена одлука“, со која би се укинал законот, но со одреден временски рок до влегување на одлуката во сила. На тој начин би се избегнало создавање правен вакуум, во кој одредени кривични дела не би постоеле во законот.

Постапката пред Уставниот суд е покрената по иницијативи поднесени од повеќе правни субјекти и граѓани, со образложение дека измените од 2023 година биле донесени во нетранспарентна постапка и без јавна расправа, со што е прекршена законската процедура.

Во јавноста постои очекување дека новите измени ќе ја вратат правната рамнотежа и ќе овозможат поефикасна заштита од злоупотреби на службената должност и други тешки кривични дела.

Зачлени се на нашиот е-билтен