Во месец мај се прославува 28 мај – Меѓународниот ден на менструална хигиена и здравје – период кога особено ја нагласуваме важноста на менструалното здравје како човеково право, неопходно за достоинствен живот, родова еднаквост и целоснo општествено вклучување на девојчињата, жените и сите кои менструираат.
Според истражувањето „Менструална правда“ од 2021 година, 71% од испитаничките никогаш не слушнале за концептот на менструална сиромаштија, а речиси секоја трета изјавила дека барем еднаш, а половина од нив повеќе пати, немале пари за да купат влошки и морале да импровизираат со крпи, тоалетна хартија или друг материјал. Ова јасно ја истакнува потребата отворено да зборуваме за менструацијата и менструалната сиромаштија.
Во оваа насока, иницијативата PERIOD Skopje организира Филмски караван за менструална сиромаштија: Патот до еднаквост, кој има за цел да ја подигне јавната свест, да поттикне отворен дијалог и да ги мобилизира младите луѓе на локално ниво во борбата против менструалната сиромаштија и стигма во Северна Македонија.
Во рамките на проектот, ќе се организираат проекции на оскаровскиот документарец „Менструација. Крај на реченицата“ во пет различни градови низ земјата, со што ќе се отвори простор за разговор за менструалната (не)правда. Оваа активност е спроведена со финансиска поддршка од “Youth Empowerment Fund”.
Филмот ги обработува предизвиците поврзани со менструалната сиромаштија и нејзиното влијание врз самодовербата, образовните и економските можности и достоинството на девојчињата и жените. По секоја проекција, ќе следат интерактивни дискусии со цел да се охрабрат отворени разговори и споделување на лични искуства, како и да се зголеми разбирањето за овој општествен проблем кој сè уште е премолчуван.
Локации и датуми на проекциите за месец мај се следните:
● Македонски Брод – 9 мај, 17:00 часот, Младински центар
● Штип – 13 мај, 17:00 часот, МладиХаб
● Крива Паланка – 15 мај, 18:00 часот, Europe House
Во рамките на секоја проекција ќе бидат дистрибуирани и промотивни материјали, како и примероци од збирката на приказни „#прваменструација“ која ги документира реалните искуства на млади луѓе со менструацијата во нашата земја.
Ве покануваме да го следите караванот и да бидете дел од оваа важна иницијатива за менструална правда, достоинство и еднаквост.
Пријавата за учество е на следниот линк.