Универзитетскиот професор Ванчо Узунов во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 оцени дека актуелната Влада не покажува вистинска желба за спроведување на реформи.
„Требаше досега да видиме барем некои конкретни чекори. Наместо тоа, гледаме само промени на закони – тоа е најлесниот начин за политичарите. Најди двајца правници, сменете неколку членови, изгласајте во Собрание, објавете во Службен весник и – ете реформа! Но суштината не е во менувањето на законите, туку во нивното спроведување,“ вели Узунов.
Тој предупреди и на проблемот со унгарскиот кредит од 250 милиони евра, поставувајќи прашање зошто Владата зема нов заем кога има непотрошени средства во Развојната банка.
„Прашајте во банката, ќе ви кажат – има многу повеќе од 250 милиони евра што не беа пласирани. Зошто тогаш се земаа нови 250? За што се наменети тие пари?“ праша Узунов, нагласувајќи дека ова е дел од предизборната кампања.