Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Узунов: Владата треба да мисли на системски решенија, како што е прогресивен данок

Владата тврди дека банките, како најпрофитабилни субјекти во државата, треба да покажат општествена одговорност и да одговорат на барањата за помош во периоди на економски тешкотии. Сепак, дали тоа е доволен аргумент за да се натераат банките да попуштат под притисокот на Владата?

„Не е доволен аргумент. Банките заработуваат на законит начин и не ги прекршуваат законите. Тие не се социјални случаи, туку функционираат според правилата што им се дозволени. Работата на Владата е да создаде систем кој ќе го регулира пазарот и ќе се погрижи за правичноста на сите субјекти. Притисокот што Владата го врши не е пазарно однесување“, вели економистот Ванчо Узунов.

Тој нагласува дека Владата треба да создаде системски мерки, како што се промените во даночниот систем, каде најпрофитабилните банки ќе плаќаат поголеми даноци, што ќе овозможи средства за социјални проекти и инвестирање во јавни услуги. Системот треба да работи сам за себе, без потребата за директно вмешување на Владата во работата на приватните компании.

„Потребно е прогресивно зголемување на данокот на добивка, така што најпрофитабилните ќе плаќаат повеќе, но ќе останат најбогати. Парите што ќе се соберат ќе бидат вложени во јавни потреби, како што се здравството и образованието. Создавањето на таков систем ќе овозможи наместо да се врши притисок на банките, системот сам да ги регулира работите“, додава Узунов.

Што се однесува до кредити за стопанството, Узунов смета дека проблемот не лежи само во недостигот на евтини кредити, туку и во тоа како функционираат банките во Македонија. Тој предлага регулатива која ќе ги поттикне банките да преземат ризик и да соработуваат со помали и послабите клиенти, наместо да се фокусираат само на профитабилни и сигурни трансакции.

„Системот треба да биде таков што ќе ги мотивира банките да преземаат ризик, како што тоа го прават бизнисмените. Не може само клиенти да носат ризикот. Владата треба да работи на создавање на регулативи кои ќе помогнат да се намалат трошоците за бизнисите и да се стимулираат инвестиции во ризични проекти“, вели Узунов.

На прашањето за евентуалните реперкусии од ваквиот пристап на Владата кон банките, Узунов смета дека тоа може да доведе до некои несакани ефекти, како што се одбивање на некои банки да соработуваат со Владата или преоценување на инвестициите во земјата. Тој додава дека ова е уште еден пример за предизборна маневра, каде Владата ја користи својата позиција да игра на политички поени пред локалните избори.

„Ова е сè дел од предизборната гимнастика. Владата ја користи ситуацијата за да добие поддршка пред изборите. Но, по изборите, сите овие мерки ќе се заборават, како што се заборавени и други слични акции“, заклучува Узунов.

Зачлени се на нашиот е-билтен