Вардар го освежува средниот бек: пристигнува 19-годишен јапонски „MVP“ и аргентински олимписки репрезентативец

Двократниот европски шампион Вардар 1961 денеска откри дека во новата сезона ќе раководи со играта на теренот тандем од двајца интернационалци: Харуки Кавада (19) од Јапонија и Николас Боно (27) од Аргентина. Двајцата централни бекови ќе се појават на подготовките кон крајот на месецот и веднаш ќе конкурираат за прв состав.

Кавада доаѓа со репутација на најкорисен играч на ланското Азиско првенство, а годинава настапи и на Светското U-21 во Полска, каде што Јапонија избори историско осмо место. Боно, пак, пристигнува од францускиот Истр и зад себе има олимписки настап во Париз 2024, како и солиден учинок на Светското првенство во јануари.

Со овие потези, Вардар ја затвора креативната линија на бековите и најавува нов офанзивен стил под водство на тренерот Александар Јовиќ, кој бара „повеќе брзина и варијанта во транзиција“. Клубот останува активен на пазарот и за крај на неделава најавува уште еден потпис на позицијата крило.

Прозивката за летните подготовки ќе биде на 29 јули во „Јане Сандански“, по што следува двонеделен камп во Банско. Деби на Кавада и Боно се очекува на пријателскиот турнир „Струга 2025“ (14–17 август).

Зачлени се на нашиот е-билтен