Вардар во Гостивар речиси пресушен – граѓаните алармираат за еколошка катастрофа

Изминатите денови, реката Вардар во Гостивар е речиси пресушена, а коритото е полно со камења и разновиден отпад – пластични амбалажи, кутии, обувки и цели ќеси со ѓубре, јавува „Гостиварпрес“. Сликата, како што велат граѓаните, е „жалосна и загрижувачка“, а многумина стравуваат од еколошка катастрофа од поголеми размери, прашувајќи се зошто Вардар е оставен без вода.

Од АД ЕСМ ја отфрлија одговорноста за ниското ниво на реката, појаснувајќи дека мавровските хидроелектрани се привремено надвор од функција по барање на градежната компанија „Пелагонија“ од Гостивар. Според нив, прекинот во производството на електрична енергија започнал на 15 септември и ќе трае до 30 септември, поради изведба на бетонски работи за санација на мостот на излезот од Гостивар кон Кичево и Охрид.

„Хидроелектраните во Маврово не го обезбедуваат, ниту пак можат да влијаат на биолошкиот минимум на реката Вардар. Нашите операции се спроведуваат во согласност со сите еколошки регулативи и законски барања, и отфрламе било каква одговорност за моменталната состојба на реката“, наведоа од ЕСМ.

Заклучокот што се наметнува е дека додека институциите и компаниите си ја префрлаат одговорноста, граѓаните остануваат соочени со реалноста на речиси исушеното корито на Вардар. Оваа состојба отвора прашања за системското управување со водните ресурси и за итноста на мерки за заштита од потенцијална еколошка катастрофа.

Зачлени се на нашиот е-билтен