Васил Јованов призна вина за прегазувањето на Фросина Кулакова

21 годишниот Васил Јованов призна вина, се извини и изрази каење со наведната глава и не гледајќи ги во очи родителите и најблиските на 22 годишната Фросина Кулакова која смртно ја прегази на Партизанска.

Судењето за случајот заврши во едно рочиште со оглед дека тој призна вина.

„Носам голема грижа на совест за тоа што го сторив. Нема ден да не се помолам за душата на Фросина и за здравјето на нејзиното семејство. Ова ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Уште еднаш да им изразам најдлабоко сочувство и да им се извинам.“

Обвинителот Александар Маркоски претходно рече дека сообраќајката е последица на низа сообраќајни пропусти и затоа возачот се гони за најтешката квалификација на кривичното дело. Семејството на Фросина побара највисока казна.

Денеска беа изведени само доказите кои се однесуваат на висината на казната. Според одбраната на Јованов која презентираше и снимка во судницата од местото на несреќата, судот треба да го земе предвид неговото каење и тоа дека не избегал но и психијатриското вештачење според кое чувството на вина било изразено. За застапникот на семејството највисоката казна согласно закон би била единствено праведна.

Обвинителството утврди дека Јованов немал возачка дозвола и возел под дејство на алкохол. Возел со брзина од 91 км на час. Поминал на црвено светло и и удрил во Фросина Кулакова која поминувала на пешачкиот премин.

Васил јованов се товари за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот за кое е предвидена затворска казна до 20 години. Пресудата ќе биде изречена во вторник на 13 мај.

Зачлени се на нашиот е-билтен