Василевска (ВМРО-ДПМНЕ): Претседателката ја критикуваше владата

Василевска
Принтскрин од емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа

Говорот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова бил државнички и во него таа повикала на национален консензус за интеграцијата во Европската унија, а од критика не била поштедена ниту актуелната влада, рече во емисија на ТВ Алфа Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако внимателно ја слушаме ќе видиме дека таа укажа и на тоа што е најважно, а таа критика е директно на адреса на актуелната Влада. Тоа се во евроинтеграцискиот процес, но и во самото развивање на македонското општество, борбата со корупцијата и борбата да се дојде до правосудство коешто што ќе биде достојно за македонските граѓани“, рече Василевска.

Во своето годишно обраќање во Собранието претседателката Гордана Сиљановска-Давкова апелираше на национален консензус во однос на евроинтеграциите, како клучно прашање за иднината на земјата.

„Национален консензус ни е потребен повеќе од кога било порано, бидејќи живееме во неизвесни времиња. Меѓународниот поредок забрзано се движи кон непредведлива мултиполарност, заменувајќи ги мултилатералните правила со интензивен геополитички натпревар. Освен што ја разниша европската безбедносна архитектура, воената агресија врз Украина стимулира милитаризација на континентот. Оваа состојба, заедно со нестабилноста на Блискиот Исток, генерира неизвесност“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од собраниската говорница.

Зачлени се на нашиот е-билтен