Во саботата, Градскиот парк беше центарот на љубовта, свеста и важноста на вдомувањето. Под слоганот „Вдоми Љубов“, фестивалот собра многубројни посетители со нивните миленици, љубители на животни, семејства и пријатели, со една заедничка цел – да се даде видливост на бездомните кучиња.
Настанот беше организиран од ЈП „Лајка“ со поддршка од активисти, волонтери и спонзори. Целодневната програма понуди интерактивни игри со кучиња, дефиле на милениците од прифатилиштето на ЈП Лајка на кое тие блеснаа со модните детаљи креирани од дизајнерката Ирина Тошева, совети од професионален дресер, совети од ветеринарниот тим на ЈП Лајка, како и едукативно катче за најмладите.





Публиката со воодушевување учествуваше во двете забавни игри „Покажи што знаеш“ и „Најди ја наградата“, кои ги истакнаа карактерот и способностите на кучињата кои бараат дом. Модната ревија пак беше срцето на денот, каде кучињата прошетаа со гордост, украсени со марамите посебно дизајнирани за оваа пригода, кои ја спојуваат естетиката со активизмот.
На настанот неколку семејства пројавија интерес за вдомување на куче од ЈП Лајка. Но можеби најголемиот успех е што заеднички ја подигнавме свеста, дека вдомувањето менува животи.
Ова не беше само обичен настан. Ова беше потсетување дека љубовта не се купува – таа се вдомува.
Фестивалот „Вдоми Љубов“ ќе остане запаметен како ден кога хуманоста доби шепи, а парковите станаа подиуми на надеж.