Веќе трета недела од учебната година, а учениците сè уште без учебници низ цела држава

Иако учебната 2025/2026 година почна пред повеќе од две недели, голем број училишта сè уште немаат доволен број учебници за сите ученици. Недостигот е присутен на ниво на целата држава, па дел од децата наставата ја следат без книги.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска призна дека ситуацијата е сериозна и најави дека дел од учебниците ќе се обезбедат преку донации, како и со пренамена на примероците во училиштата каде што има вишок.

Само неколку месеци претходно, на прес-конференција во јуни, Јаневска уверуваше дека на 1 септември сите учебници ќе бидат обезбедени, вклучително и за странските јазици. Денеска таа зборуваше за „несоодветно распоредени“ книги и за дописи до училиштата, со објаснување дека правилниците ќе треба да се допрецизираат за вакви ситуации да не се повторуваат.

Додека институциите бараат решенија и најавуваат стабилен систем во иднина, факт е дека учениците веќе трета недела по ред ја започнаа наставата со празни клупи наместо со учебници.

Зачлени се на нашиот е-билтен