Снегот предизвика хаос во сообраќајот, од населените места до регионалните патишта и автопатите. Иако според информациите на ЦУК возилата на „Македонија пат“ и на компаниите кои се грижат за расчистување на патиштата се на терен, сепак според видеото и фотографиите на Рацин.мк на патниот правец Велес-Скопје тие се паркирани, а снегот не е расчистен.
Исто така на автопатот „Пријателство“ кај Миравци и автопатот кон Грција се формираа заледени површини, и покрај тоа што досега државата потрошила 219 милиони денари (3,57 милиони евра) за сол и ризла.
Најголемиот дел од овие средства се дел од тендерите на ЈП „Македонија пат,“ кое има склучено три двегодишни договори од по 1,3 милиони евра годишно. Сепак, сообраќајот останува отежнат, а ризикот од несреќи расте поради недоволна ефикасност на надлежните институции.
Во Маврово, граѓани беа заглавени со часови во километарски колони, а патот Тетово – Попова Шапка остана неисчистен, предизвикувајќи дополнителни проблеми. Патот до Галичник беше непрооден повеќе од еден месец, оставајќи ги жителите во изолација.