Снимка од мечка со две мали мечиња, кои се движат покрај патот Маврово-Дебар, наиде на симпатии кај граѓаните на социјалните мрежи.
На видеото се гледа како мајката и мечињата како се движат по рабникот од патот, пред мајката да исчезне во шумата, следена од двете малечки.
Иако оваа мајка со мечињата е во националниот парк Маврово, веројатно недостигот на храна во шумите како што посочија и од националниот парк Шар планина пред неколку дена е причина што тие доаѓаат блиску до патиштата и домовите на луѓето.
Националниот парк Шар Планина побара граѓаните да помогнат со донирање на јаболки и пченка со цел да се изврши прихрана на мечките поради намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
-Во последните две недели, сè почесто се бележат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк „Шар Планина“. Овој феномен е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште. За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки, соопшти Јавната установа Национален Парк Шар Планина.