Националниот парк „Шар Планина“ упати апел до граѓаните, пријателите на природата и поддржувачи на одржливото живеење донации на јаболка и пченка од домашно потекло за прихрана на мечките.
Овој апелк доаѓа откако во последните две недели, како што наведуваат, сè почесто се бележат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк „Шар Планина“ како резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, од паркот започнуваат со иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки.
Се бараат донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана.
Во објавата се вели дека дистрибуцијата на храната ќе ја извршува Управата на Националниот парк, во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.
Преку оваа акција, неведуваат од Националниот парк Шар Планина ќе се спречи несакано приближување на мечки до населени места, ќе се помогне во зачувување на нивната природна навика за исхрана и ќе се овозможи мониторинг на нивната бројност, здравје и старосна структура.
Во апелот се напоменува дека прифатливи се само јаболки и пченка од домашно производство, без хемиски третмани.
Граѓаните и компаниите коишто сакаат да донираат или да помогнат со логистика, треба да ги донесат донациите во просториите на Јавната Установа Национален парк Шар Планина, кај почетната станица за гондолите во Тетово, секој работен ден од 8-16:00 часот или да ги контактираат надлежните на телефонскиот број 072 239 122.
Инаку, на социјалните мрежи каде што е обајевн апелот има реакции на граѓаните кои прашуваат како се случило Националниот парк да се доведе до ситуација да нема планирано финансии за вакви ситуации затоа што тоа е една од првенствените грижи на оваа јавна установа.