Пожарот во природниот резерват Јасен, кој беснее веќе трет ден, стигна до објектите на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје. Во видеото што го објави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, се гледаат огромните пламени јазици и повеќе припадници на армијата и полицијата кои се обидуваат да се справат со нив.
Како што самиот Ангелов кажа, бидејќи теренот е непристапен, тие можат да го гаснат само до оваа линија. Инаку, гори густа зимзелена шума, а пожарот како што се гледа од видеото е огромен.
Ангелов смета дека прилагодените пинцгауери и хермелини на владата се покажале одлични, но нема информации за тоа кога се очекува пожарот да биде ставен под контрола и изгаснат, односно дали ќе се користат авиони и хеликоптери за негово гаснење.
„Сепак, иако оваа линија на огнот ја сопревме да не стигне до објектите, сепак тој ќе продолжи во другиот правец, бидејќи теренот е стрмен и многу тежок за пристап. Отежнителна околност е и што горат зимзелени дрвја, кои се многу тешки за гаснење“, рече Ангелов во видеото.