Поранешниот амбасадор и дипломат Виктор Габер опишува колку би била убава веста доколку пратениците во Собранието би донеле одлука за да ја отпочнат постапката за промена на Уставот.
Виктор ГАБЕР*
„Денес 120 пратеници на Собранието на Македонија, честитајќи си ја Новата 2026 година донесоа едногласна неотповиклива одлука, по празниците, на првата седница во 2026 година, да ја отпочнат постапката за промена на Уставот“
Во образложението на одлуката МОЖЕ И НЕ МОРА ДА СТОИ дека 120-те пратеници се свесни:
- за одговорноста пред народот, граѓаните кои на демократски избори им ја дале довербата за исполнување на ветеното во нивните програми и во предизборието за обезбедување на мир, безбедност и сеопшт развој на земјата;
- за потребата од зацврстувањето на регионалната безбедност, мир и развој во актуелните геополитички разврски;
- за потребата од зацврстување на буџетската, финансиската консолидација за реализација на државните проекти во економијата, здравството, образованието, дигитализацијата, заштитата на човековата околина и другите области од витално значење за развојот на граѓаните кои ги гласале;
- за потребата од зацврстување на меѓунационалните односи и довербата во рамноправен развој на сите делови од државата со донесување на плебисцитарно усогласени програми;
- за спроведување на краткорочни и среднорочни мерки за отворање на можности за развој преку користење на знаења и вештини на граѓаните кои работат и живеат во странство;
- дека со донесување на оваа одлука во државата ќе се зацврсти довербата во институциите на системот, ќе зајакне одговорноста на извршителите на јавни функции, ќе се санкционира корупцијата и криминалот на сите нивоа;
- дека за оваа одлука не се потребни дополнителни финансиски трошоци;
Во образложението на одлуката МОЖЕ И НЕ МОРА ДА СТОИ дека за 120-те пратеници:
- донесувањето на оваа одлука не се врзува за ниедна годишнина од минатото, туку дека е донесена со респектирање на актуелните потреби и визијата за развој на земјата;
- донесувањето на оваа одлука претставува зацврстување на темелните човекови и етнички вредности на секој граѓанин на Македонија, од кои нема отстапување;
- оваа одлука претставува основа за градење на стратешко партнерство со нашите први соседи, со цел траен мир, безбедност и развој на соработката со нив во сите области;
- оваа одлука е придонес на Република Северна Македонија во градењето на мирот, безбедноста и развојот во актуелните паневропски и геополитички разврски;
Во образложението на одлуката МОЖЕ И НЕ МОРА ДА СТОИ дека 120-те пратеници:
- независно од тоа кој е иницијатор за нејзиното донесување, ја донесуваат оваа одлука со полна свест, материјална и кривична одговорност.
Колку убава вест на крајот од 2025 година, која е веќе минато…
*Виктор Габер е поранешен дипломат и амбасадор