Владата ја пушти во употреба новата платформа proekti.gov.mk

Од денеска јавноста може транспарентно да го следи секој проект што се финансира со средства од државниот буџет. Владата ја промовираше новата онлајн платформа proekti.gov.mk, дигитална алатка што овозможува детална проверка на реализацијата на проектите, од договорите и динамиката на изведба, до секој рок и секој извршен чекор.

На настанот во Клубот на пратеници, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ваквиот систем претставува „квалитативен исчекор во политичката култура и управувањето“, нагласувајќи дека државата за првпат овозможува вакво ниво на јавна отчетност.

„Ова не е само техничко решение, туку силна политичка порака, дека секој денар од јавните средства ќе може да се следи отворено, прецизно и во реално време. Секој граѓанин, новинар или претставник на цивилниот сектор ќе може со неколку клика да го провери текот на секој владин проект“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека платформата претставува практична алатка за истражувачките медиуми и за граѓанското општество: „Ниту еден проект повеќе нема да биде недостапен или скриен зад институционални процедури, сега сè е јавно и проверливо.“

Детални податоци за речиси 300 веќе започнати проекти

Според информациите претставени на промоцијата, од првиот јавен повик финансиран од Владата опфатени се 288 проекти со вкупна вредност од речиси 4,6 милијарди денари, односно околу 75 милиони евра. За сите се склучени договори со економски оператори.

Од нив:
– 193 проекти се целосно завршени,
– 26 се во финална фаза,
– 89 се во активна реализација,
– кај 6 проекти тендерската постапка е веќе завршена, а изведбата започнува наскоро.

Премиерот нагласи дека овие бројки претставуваат реални инфраструктурни придобивки: нови улици, плоштади, водоводни и канализациски системи, паркови, фекални мрежи, спортски и културни содржини, како и нови образовни објекти.

Над 800 нови проекти преку вториот јавен повик

Паралелно, преку вториот повик за финансирање на општините опфатени се 828 нови проекти со вредност од 13,8 милијарди денари, односно повеќе од 225 милиони евра. Според Владата, динамиката и овде е силна, над 50 проекти се завршени или при крај, а за повеќе од 500 се веќе потпишани договори.

Платформата ќе се унапредува

Владината портпаролка Марија Митева најави дека proekti.gov.mk ќе продолжи да се развива со нови функционалности и дополнителни податоци, со цел уште поголема транспарентност во трошењето на јавните средства.

Зачлени се на нашиот е-билтен