Владата ќе зема нови кредити за автопатот Кичево- Охрид

Долгогодишниот проект за изградба на автопатот Кичево–Охрид, кој трае повеќе од 12 години, повторно се соочува со сериозни предизвици. Финансирањето од кинеската „Ексим“ банка престана, а државата најавува дека остатокот ќе го покрие со кредити од домашни банки – решение што поставува прашања за економската логика и транспарентноста на проектот.

„Имавме мала потешкотија, морам да признаам, посебно во делот на обезбедување на средства за довршување на делницата Кичево–Охрид. Заемот којшто го добиваме од кинеската „Ексим“ банка повеќе не го добиваме, престана“, рече премиерот Христијан Мицкоски, признавајќи проблеми кои беа очекувани уште пред години.

Случајот ја открива повторливата слабост на долгогодишното планирање. Од вкупно обезбедените 529 милиони евра, досега се исплатени 478 милиони, а остатокот се очекува да се покрие со задолжување кај домашни банки, формиран преку синдикат „со исклучително поволни услови“, според премиерот. Но, „последното финансирање“ доаѓа во проект кој веќе со години ја губи довербата на јавноста.

Цената расте, роковите се поместуваат, договорите се менуваат. Во март беше потпишан осми анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“, кој обезбедува дополнителни средства за стабилизација на свлечишта и изградба на 14 галерии. Но ова повеќе потсетува на континуирана крпежна стратегија отколку на планирано завршување.

Проектот за автопатот Кичево–Охрид, кој започна во мај 2014 година и првично требаше да биде завршен во 2018 година, повторно доби нов рок за завршување – 31 мај 2027 година – и ново поскапување од 186 милиони евра. Договорот меѓу ЈП за државни патишта и кинеската компанија „Синохидро“ беше анексиран осми пат, поради нови свлечишта, потреба од 14 галерии и дополнителни заштитни мрежи.

Досега за делницата се потрошени речиси 560 милиони евра, односно 93,3% од предвиденото, а изградбата е во напредна фаза. Првите делници беа пуштени во 2025 година – 20 километри од Врбјани до Ботун, а потоа 17 километри од Климештани до Охрид. Вкупната должина на автопатот е 57 километри, од кои околу 40 се завршени.

Проектот стана историски феномен, градејќи се подолго од времето потребно на старите цивилизации да изградат седум светски чуда. Со новиот анекс, цената на автопатот достигнува речиси 600 милиони евра, што е 220 милиони повеќе од првично предвиденото.

Во текот на годините проектот беше проследен со контроверзии, вклучувајќи несовпаѓање на проектната документација со теренот и обвиненија за провизии (случајот „Траекторија“), но правните процеси застареа, а граѓаните сè уште не возат по целосно завршен автопат.

Зачлени се на нашиот е-билтен