Владин функционер со клеветнички напад врз интернет порталот Фронтлајн

Фото илустрација на редакцијара Фронтлајн
Фото илустрација на редакцијара Фронтлајн

Петар Богојески, директор на национална агенција поврзана со Европската Унија и член на владејачката коалиција, со манипулативен и клеветнички коментари го нападна Фронтлајн. Таквото однесување ја поткопува медиумската слобода и демократските вредности кои тој треба да ги претставува.

Во продолжение реакцијата на редакцијата на порталот Фронтлајн:

Фронтлајн денеска (22 јуни 2025) објави вест со наслов: „Иранците тврдат дека Фордо не претрпе значителна штета, МААЕ соопшти дека нема зголемена радијација надвор од нуклеарните објекти“. Во веста се пренесени информации од домашни (МИА) и меѓународни извори, вклучително и официјално соопштение на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Наместо оваа стандардна новинарска содржина да се третира како што прилега – како извештај што ја информира јавноста за важни глобални настани – Петар Богојески, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и функционер во коалициската влада на Христијан Мицкоски, ја искористи како повод за уште еден неоснован, груб и манипулативен напад врз Фронтлајн.мк.

На официјалната Фејсбук страница на Фронтлајн, Богојески коментираше:

„Многу загрижени вие од црвената комуна за Иран? До некни бевте главни амери! Или снема кешарица од УСАИД, па сега се чека на донации од Катар?“

И додаде:

„Или од Дубаи!“

Ова не е изолиран испад. Богојески има долгогодишна практика на агресивни, клеветнички и политички мотивирани напади во јавниот простор, често исполнети со вулгарни навреди, говор на омраза и дезинформации. Неодамна, во изјава за медиумите се обиде да избегне одговорност со изјава дека неговиот профил бил „хакиран“ – што беше пречекано со потсмев. Без чувство за одговорност и самоконтрола, тој набрзо по таа гротескна изјава продолжи со навредливо и насилничко однесување во јавната комуникација.

Како владин функционер и директор на институција поврзана со Европската Унија, ваквиот настап не е само недоличен – туку претставува директна закана за медиумските слободи и довербата во демократските институции.

Со вакво однесување, Богојески не само што го дискредитира својот личен интегритет, туку и угледот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, а со тоа и на програмата Еразмус+, која е симбол на дијалог, толеранција и европски демократски вредности.

Упатуваме повик до јавноста, институциите и меѓународната заедница:

Ова однесување мора да биде јавно отфрлено и најостро осудено.

Кога владини функционери се впуштаат во клеветнички напади врз медиуми, молкот е соучесништво.

Редакција ФРОНТЛАЈН

Зачлени се на нашиот е-билтен