ВЛЕН е во сложена позиција: напуштањето на Владата би значело признавање на неуспех. Со таков чекор на ВЛЕН ќе се гледа как партија која била дел од Влада која не испорачала за нивните гласачи, или едноставно не биле моќни да наметнат позиција во Владата, во која членувале за сопствена – партиска придобивка.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Овие денови медиумите, јавноста и опозицијата ги потестија лидерите на коалицијата ВЛЕН дека не е сполнетото нивното ветување дека доколку не се спроведат уставните измени за 6 месеци, тие ќе ја напуштат Владата.
Арбен Таравари на 13 мај, 2024 година во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 рече дека во случај да не се донесат уставни измени во период од 6 месеци, ќе размислат за своето учество во Владата.
„Ни требаа 10 години ВМРО и ДУИ, без услови, без ништо, да се изгубат 10 години за да станат дел од НАТО. Вреди е гаранција во Владата дека под секој услов ќе инсистира преговорите со Европската унија да почнат што поскоро и да се направат уставните измени, тоа е услов“, рече тогаш Таравари.
Уште повеќе, еден ден пред оваа изјава, Таравари во „Топ тема“ на ТВ Телмарече дека „гледа светло на крајот на тунелот за уставните измени, до 2028 година можеме да бидеме и полноправна членка на ЕУ“.
Сега Африм Гаши вели „не знам како да ви одговорам на ова прашање. Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата“, ама во истата изјава во продолжение вели: „но секако имаше такви изјави“.
Тој уште додава дека тоа било „комплексно прашање и не зависи од еден политички сегмент и елемент, треба две третини од Собранието да гласаат“ и со тоа ја префрла топката кај ВМРО-ДПМНЕ, ама тоа е далеку од тоа дека „ќе размислат за своето учество во владата“ како што најавија пред 6 месеци.
Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот Преспа вели дека „ако овие 33 години независност, демократија и слободни избори нешто нé научија, тоа е дека власта е слатка.
„Ниту една политичка партија досега не се има откажано од можноста да ја формира „новата“ влада. Ако е тешко да се откажеш од можноста да бидеш во власта, тогаш уште потешко е да се откажеш од власта кога веќе си станал дел од неа. Во минатото сме имале голем број примери за ова од помалите политички партии, кои, и покрај предизвиците, останувале дел од власта“, го токлкува однесувањето на Влен Стојковски.
Кога пред изборите се заговараше политичката декларација дека учеството во Владата ќе биде условено со напредок во процесот на европските интеграции, таквата заложба делуваше амбициозно, но и ризично, потсетува Андреја Стојковски. „Нашите граѓани, особено етничките Албанци, силно го поддржуваат пристапувањето во ЕУ, но реалноста на политичките односи создаде поинакви динамики“.
Затоа, вели директорот на Институтот Преспа, напуштање на Владата од страна на Влен е малку веројатно.
„ВЛЕН се приклучи на Владата свесни за ставот на доминантниот партнер, ВМРО-ДПМНЕ, дека уставните измени нема да бидат приоритет. Дополнително, нивните гласачи очекуваа конкретни резултати, а во изминатиот период беа донесени одлуки што можат да се толкуваат како предизвик за нивната политичка позиција, тука мислам на укинувањето на балансерот за правична застапеност и можноста за укинување на Законот за употреба на јазиците“, појаснува Стојковски.
Во вакви околности, смета нашиот соговорник, ВЛЕН е во сложена позиција: напуштањето на Владата би значело признавање на неуспех.
„Тие биле дел од Влада која не испорачала за нивните гласачи, или едноставно не биле моќни да наметнат позиција во Владата, во која членувале за сопствен бенефит. Од другата страна, останувањето создава дополнителен ризик за губење на довербата кај гласачите, кои покрај губењето на фокусот за европска интеграција, губат и на прашања кои се исклучително важни за албанската етничка заедница“, анализира директорот на Институтот Преспа Андреја Стојковски.