Колку децении и колку генерации ги дели 25 Мај од 22 Ноември? Две различни дати, две различни историски приказни, две симболики – едната од времето на борбата против фашизмот, другата важен датум за албанскиот јазик и култура. Но зошто едната мора да ја избрише другата?
Советот на општина Гази Баба, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, донесе одлука за преименување на основното училиште „25 Мај“ во населбата Ченто во „22 Ноември“. Одлука која ги изненади и разочара многумина – особено затоа што токму ВМРО-ДПМНЕ пред неколку години се спротивстави на истата иницијатива. Што се смени? Дали вредностите на ВМРО-ДПМНЕ се наменети за дневна употреба, менувани според коалициски интерес и моментален баланс на сила?
Ова не е обично преименување. Ова е политичка капитулација и крајно лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ, партија која години наназад се претставуваше како чувар на „традицијата“, но денес таа иста партија без отпор се откажува од еден симбол на борбата против фашизмот и од колективната меморија на едно пошироко општество.

Секако дека 22 Ноември е важен датум за Албанците, како и секој друг датум кој одбележува јазична, културна или национална афирмација. Но зошто мора тоа да значи бришење на 25 Мај? Зошто не постои простор за заеднички мост, за интеграција наместо заменување, за вреднување наместо потиснување токму како што се славеше 25 Мај.
Денот на младоста беше еден од највпечатливите симболи на поранешна Југославија — ден кога младите од сите републики се собираа заедно преку паради, културни настани, штафети и слетови. Тоа не беше само роденденот на Тито, туку и празник на младоста, енергијата, солидарноста и идејата за единство во различност. Различните заедници со гордост ја носеа штафетата низ целата земја, симболизирајќи ја поврзаноста и заедништвото на народите. Беше тоа време кога се славеше припадноста кон една поголема цел — заедништво, разноликост и сплотеност.
Со оваа одлука, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека не ја разбира ни вистинската природа на мултиетничко општество, а тоа е градење на соживот, а не тргување со симболи.
Повеќе од тоа, ова е плукање по генерациите кои учеле и живееле со „25 Мај“ како симбол на слобода и единство. Ова е тивко бришење на сè што не се вклопува во новиот договор за власт.
Историјата не почнува одново со секој нов мандат. Но, изгледа дека во ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да ја прекројуваат секоја генерација – сè додека броењето гласови им оди во прилог.
Редакција Рацин