ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ повторно бојкотираат, на мускули протуркана надзорната расправа за „Пулс“

По два неуспешни обиди, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот конечно даде зелено светло за надзорна расправа за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде настрадаа петмина млади.

Како и претходно, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ЗНАМ не присуствуваа на гласањето. Одлуката сепак помина благодарение на деловничката одредба што дозволува усвојување со една третина од членовите, што ја обезбедија Левица, СДСМ и Европскиот фронт.

Од Левица порачаа дека Кочани и целата јавност заслужуваат одговори за, како што велат, „селективната истрага што штити лица блиски до власта“. Тие обвинија дека институциите реагираат само под силен јавен притисок и најавија борба против секој обид за заташкување на случајот.

СДСМ и Европскиот фронт ја поддржаа иницијативата, обвинувајќи дека граѓаните и семејствата на жртвите добиле „само политиканство“ наместо вистина и одговорност. Според нив, власта избегнува пресуди за функционерите и не носи ниту морални оставки.

Надзорната расправа треба да утврди дали надлежните институции пропуштиле да ја спречат трагедијата и кои се причините што дозволиле дискотеката да работи со, како што тврдат иницијаторите, опасни пропусти во безбедноста.

Зачлени се на нашиот е-билтен