ВМРО-ДПМНЕ се подготвува да го преземе Министерството за здравство – во игра Клековски и Андоновска?

Арбен Таравари официјално ја напушти владината коалиција, со што неговиот мандат како министер за здравство наскоро ќе заврши.

Веќе се појавуваат шпекулации за тоа кој ќе го наследи на оваа позиција.

Иако се зборуваше за можна рокада – при што партијата ВРЕДИ би го отстапила Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ во замена за Министерството за образование – најновите информации укажуваат дека ВРЕДИ најверојатно нема да добие ново министерско место. Причината за тоа е намаленото политичко влијание на оваа партија по заминувањето на Таравари и неговите пратеници.

Извори блиски до ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека токму оваа партија ќе го преземе ресорот здравство. Како потенцијални кандидати за нов министер за здравство се споменуваат Сашо Клековски, актуелен директор на Фондот за здравствено осигурување, и Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.

Клековски се смета за ефикасен и неповрзан со скандали, а во рамките на Фондот успеал да воспостави ред и стабилност. Од друга страна, Андоновска важи за лојален и долгогодишен кадар на ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка од влијателното „ѓорчепетровско лоби“, предводено од потпретседателот Владо Мисајловски.

За вечерва е најавена седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но засега нема потврда дали ќе се дискутира токму за Министерството за здравство. Сепак, се очекува наскоро да биде донесена одлука во врска со распределбата на министерствата во новата владина структура.

Зачлени се на нашиот е-билтен