ВМРО-ДПМНЕ во потрага по синдикат по своја мерка, што не бара поголеми плати

Формирањето паралелни синдикални организации беше систем на владеење на поранешниот премиер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Очигледно таа пракса на „репрезентативни“ синдикати има намера да ја прифати и сегашниот премиер од истата партија, затоа што освен ССМ сите останати немаат ни збор изустено за платите на работниците и за работничките права и стандард воопшто.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Сојузот на синдикати на Македонија подолго време бара од Владата или од Собранието зголемување на минималната плата за 6.000 денари. Ова зголемување би било по законското усогласување кое треба да се направи до крајот на месецов и кое би изнесувало некаде околу 1.800 денари.

Најавија штрајк ако не се прифати барањето.

Во обраќањето до пратениците Синдикатот вели дека имаат можност да бидат чесни и на место да земаат по 2.500 евра патни трошоци, да гласаат за платите на работниците и да се зголемат за најмалку стотина евра со ослободување на плаќањето на придонесите.

„Денеска дојде време да бирате дали сте за или против работниците. Вашето бирање дали сте за или против работниците, значи во кој правец Сојузо на синдикати на Македонија во понатамошниот период ќе ја креира политиката.“, вели претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Владата се изјасни дека не прифаќа да ги субвенционира придонесите за минималецот да порасне на 500 евра.

И бидејќи овој Сојуз на синдикати не отстапува од барањата за повисока минимална плата, Владата реши да му го урне кредибилитетот.  Имено Владата на ВМРО ДПМНЕ ги повлече членовите од Комисијата за утврдување на репрезентативност на синдикатите, со што во Економско Социјалниот Совет во моментов нема синдикалци.

Сојузот на Синдикатите што го уриваше СДСМ од власт, и што ВМРО ДПМНЕ го искористи за да дојде на власт, сега не и е по мерка на оваа Влада.

Затоа Владата на ВМРО ДПМНЕ е во потрага по свој Синдикат, што ќе има повеќе разбирање за владините економски политики, одошто за потребите на работниците, меѓу кои и за повисоки плати, за подобар животен стандарад, за пониски цени и поквалитетна потрошувачка кошничка.

За таа цел веќе неколку пати се обидоа преку за пуч да го вратат на чело на ССМ Живко Митревски, првиот синдикалец од времето на Никола Груевски.

Очигледно тоа не поминува така лесно, па власта се обидува да инсталира друг т.н. „репрезентативен“ Синдикат со кој ќе преговара. Барањето и формирањето други Синдикални организации беше систем на владеење на поранешниот премиер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Очигледно таа пракса на „репрезентативни“ синдикати има намера да ја прифати и сегашниот премиер од истата партија, затоа што освен ССМ сите останати немаат ни збор изустено за платите на работниците и за работничките права и стандард воопшто.

Последниот удар кон овој ССМ е  политички атак врз претседателот Слободан Трендафилов дека наводно „шурува“ со опозицијата.

Трендафилов ги отфрла обвинувањата и вели дека „се соочуваме со притисоци од политички играчи со цел да помогнат на друг синдикат кој е против зголемување на платите, кој сака да го укине општиот колективен договор и кој и ветува на Владата дека ќе прифати се што ќе каже таа“.

Премиерот Мицкоски изјави дека “ССМ станале портпароли на Левица и СДС и дека седум години претходно не правеле ништо за зголемување на минималната плата“.

Од опозициската Левица и од СДСМ го потсетија Мицкоски дека токму пратениците од ВМРО ДПМНЕ како опозиција имале состаноци со Синдикатот и ги поднесувале нивните амандмани за зголемување на минималната плата. Истите оние кои сега ги одбиваат!

Од ова може да се заклучи дека на Мицкоски не му пречи барањето за поголеми плати на работниците само кога е во опозиција. Но сега, кога е на власт, ваквите барања можат да и го урнат рејтингот на ВМРО ДПМНЕ како партија која се грижи за народот и која постојано се повиикува на подршката што ја доби на изборите.

Трендафилов признава дека Синдикатот со протестите во времето на минатата власт придонел за падот на СДСМ, но дека и актуелната ќе го почувствува незадоволството на локалните избори доколку продолжи со политиката на игнорирање на синдикалните барања.

Заканите за штрајк треба да го загрижат премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ затоа што  барањата на ССМ се поклопуваат и со програмите на партиите од опозицијата со што стануваат директен политички противник на власта.

Имено СДСМ подолго време предлага сет мерки за подобрување на стандардот на граѓаните.

Една од нив е зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите, со што 350.000 граѓани ќе добијат месечно зголемување на платите од 3.000 до 15.000 денари. Важно е да се споменат и предлозите за намалување на ДДВ за електрична енергија и на основните прехранбени производи, итна примена на Законот за нефер трговски практики и др.

И Левица се залага за повисока минимална плата, но и за намалување на полното работно време од 8 на 6 часа дневно, без негативни импликации врз висината на примањата кои ги примаат работниците, а со цел зголемување на продуктивноста и личниот развој, како и намалување на невработеноста.

Оттаму во јавниот дискурс веќе се создава синдикално, но и политичко незадоволство од одност на оваа власт кон стандардот на граѓаните, што може да има негативни последици по рејтингот на ВМРО ДПМНЕ и неговите коалициски партнери.

А локалните избори полека, но сигурно се ближат.

Зачлени се на нашиот е-билтен