Во денешната епизода на „Симпсонови“ лик од Македонија и песна на македонски јазик

Фото: Канва колаж + 20th Century Studios, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс
Фото: Канва колаж + 20th Century Studios, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Во денешната епизода на култната анимирана серија „Симпсонови“ (The Simpsons) ќе се појави лик од Македонија, а во креирањето на содржината учествуваа тројца македонски автори – Невена Нешкоска, нејзиниот брат Наум и сестра ѝ Калина, познати по едукативниот детски Јутјуб канал „Дарко Биберко“.

Во епизодата со наслов „Abe League of Their Moe“, која ќе се емитува на вечерва во 20:00 часот по источно американско време (02:00 часот по македонско време) на американската телевизија Фокс, гледачите ќе имаат можност да запознаат лик спортист од Македонија кој пристигнува во Спрингфилд како вистинска сензација – и тоа во, како што шеговито се наведува, „најисконскиот македонски спорт“ – бејзбол.

„Креатороте на The Simpsons одлучиле да внесат лик — спортист кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија. За кој спорт станува збор? Нормално, за најпопуларниот и најисконски македонски спорт … бејзбол“, напиша Невена на својот фејсбук профил.

Информираше дека вклученоста во епизодата е генерално со креирање на преводот, преведување од Македонски на Англиски и обратно. Дополнително, братот и двете сестри заеднички имаат испеано песна која што исто така ја правеле од англиски на македонски јазик, специјално за епизодата.

Соработката, како што додава Невена, била овозможена благодарение на композиторката Кара Талве, која што подолго време работи на серијата.

Во епизодата, Грампa Симпсон и Мо Сислак регрутираат талентиран бејзбол играч од Македонија за локалниот тим „Springfield Isotopes“. Но, наместо само спортска приказна, епизодата обработува и подлабоки теми – пријателство, натпреварување и чесна игра, со типичниот хумор и топлина кои се заштитен знак на серијата.

Фамилијата Нешкоски, познати како креатори на детскиот едукативниот јутјуб канал „Дарко Биберко“, имале повеќекратна улога во подготовката на епизодата – од превод, преку консултации, до интерпретација на песна која ја испеале на македонски јазик.

Зачлени се на нашиот е-билтен