Француските власти заплениле 68 килограми кокаин во товарно возило управувано од македонскиот државјанин М.Ф. (44), соопшти Министерството за внатрешни работи. Дрогата била пронајдена на наплатната станица Фонтен во Франција.
Според МВР, заплената следувала по оперативни информации обезбедени од Единицата за недозволена трговија со дрога при Одделот за криминалистичка полиција. Информациите преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол биле доставени до надлежните француски органи.
Од Министерството наведоа дека ова е втора успешна меѓународна акција во период од еден месец. Претходната соработка со грчката полиција резултирала со заплена на 324 килограми марихуана.
Во соопштението не се наведени дополнителни информации за постапката против возачот, ниту за потеклото и крајната дестинација на кокаинот.
