Во Гази Баба се градат само две од четирите детски градинки што ги вети градоначалникот Стефковски

Стефковски во предизборната програма потенцираше дека градинките и училиштата мора да ги исполнуваат најсовремените стандарди за образование и воспитание на нашите деца, па затоа е планирана изградба на 4 нови детски градинки. Но, неговото ветување е неисполнето, бидејќи на 4 месеци пред истекот на неговиот мандат и новите локални избори во октомври 2025, се градат само 2 (две) нови детски градинки, во Инџиково и Трубарево, пишува Вистиномер

Во предизборната програма за локалните избори  што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски меѓу приоритетните проекти за сите луѓе од програмската платформа „Гарантираме за Гази Баба – Создади нова иднина“, го наведе и проектот за изградба на 4 (четири) нови детски градинки.

Ветување: Во насока на задоволување на потребите на родителите за згрижување на нивните дечиња во детски градинки ќе го зголемиме капацитетот на детските градинки со изградба на четири нови градинки. Тие, во согласност со веќе утврдените потреби, ќе бидат лоцирани во четири различни населени места, и тоа Kерамидница, Сингелиќ Трубарево и Инџиково. 

Буџет: 120000000 денари. 

Извори на финансирање: буџети на Општина Гази Баба и на РМ. 

Рок: 2021 – 2025 година.

[Извор: Платформа „Гарантираме за Гази Баба – Создади нова иднина; датум: 17.10.2021]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Бобан Стефковски како кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во предизборната програма промовираше проекти кои треба да донесат развој и унапредување на квалитетот на животот во Општина Гази Баба. Стефковски потенцираше дека градинките и училиштата мора да ги исполнуваат најсовремените стандарди за образование и воспитание на нашите деца, па затоа во неговата предизборна програма е планирана, меѓу останатите активности, и изградба на нови и реконструкција на постоечките објекти. Но, неговото ветување е неисполнето, бидејќи на 4 месеци пред истекот на неговиот мандат и новите локални избори во октомври 2025, се градат само 2 (две) нови детски градинки, во Инџиково и Трубарево.

Стефковски на 1 март 2024 на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека е започната постапката за изградба на нови детски градинки во Трубарево и Инџиково.

Откако претходно ги завршивме урбанистичко – планските промени и утврдивме точни локации за изградба на новите детски градинки, Советот на општина Гази Баба по моја иницијатива на вчерашната седница донесе Одлука за ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште. Ова е уште еден доказ за мојата решителност, како градоначалник на општина Гази Баба за исполнување на ветувањата дадени пред граѓаните, а истовремено и силна заложба за решавање на децениските проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани. Кога дојдов за градоначалник во општината немаше урбанистичко – планска документација за изградба на ниту една нова детска градинка, а денес после две години интензивна работа како локална самоуправа сме подготвени да започнеме со изградба на нови детски градинки на три локации во општинатапишува Стефковски.

Може да се примети недоследност во реализацијата на ветувањето за 4 нови детски градинки пред локалните избори во октомври 2021, бидејќи во март 2024 има најава за изградба на детски градинки „на три локации во општината“, наместо на четири, како што ветуваше пред изборите во 2021, а поставени се камен-темелници само на две градинки, во Трубарево и Инџиково.

За волја на вистината, во 2019 година за време на мандатот на претходниот градоначалник на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски (од редовите на СДСМ) исто беше најавувана изградба на нови детски градинки токму во овде споменатите населени места – Kерамидница, Сингелиќ, Трубарево и Инџиково – плус Стајковци. Но, до крајот на неговиот мандат беше изградена само градинката во Стајковци.

На 21.07.2024 градоначалникот Стефковски заедно со премиерот Мицкоски го поставија камен-темелникот за изградба на нова детска градинка во Трубарево, на површина од 720 метри квадратни, со згрижувачки капацитет за 60 деца.  Инвестицијата изнесува 19 милиони денари.

Комплетно ја завршивме урбанистичко-планската и проектната документација за изградба на нови детски градинки во Инџиково и на потегот помеѓу Маџари и Керамидница и со истите ќе аплицираме за добивање поддршка од Владата. Со изградбата на овие детски градинки во Гази Баба нема повеќе да има дете кое ќе чека за упис во градинкаизјави Стевковски минатата година.

Градоначалникот Стефковски на поставување камен-темелник на новата детска градинка во Трубарево (Фото: Општина Гази Баба)

Стефковски на 03.02.2025 на интернет страницата објави дека за неколку ќе започне изградбата на новата градинка во Инџиково се гради со средства од обезбедени од Јавниот повик на Владата за реализација на проекти, или тн. унгарски кредит.

На 10.05.2025 официјалната интернет страница на Општина Гази Баба објави графички приказ како ќе изгледа новата детска градинка во Инџиково, со најава дека градежните работи ќе завршат за неколку месеци.

Графички приказ на градинката во Инџиково (Фото: Општина Гази Баба)

На 11.05.2025 премиерот Мицкоски, градоначалникот Стефковски и министерот за Локална самоуправа Златко Перински извршија увид во градежните активности на изградбата на детската градинка во Инџиково, најавувајќи дека наскоро ќе биде ставена во функција. Вкупната вредност на објектот е 47.508.811 денари, обезбедени од страна на Министерство за социјална политика, демографија и млади. Објект е на површина од 490 метри квадратни, со згрижувачки капацитет за 36 деца над 2 години и 12 деца до 2 години.

https://youtube.com/watch?v=B2k-oIU4mtM%3Fstart%3D231%26wmode%3Dtransparent%26rel%3D0%26feature%3Doembed

Во која фаза на реализација е ветената изградба, пак, на детски градинки во Керамидница и Сингелиќ во мандатот на градоначалникот Стефковски (2021-2025) нема информации на интернет страницата на Општина Гази Баба, ниту во медиумите.

Со оглед на тоа дека во моментов во тек е изградба на само две нови градинки во Општина Гази Баба, оценката за ветувањето за „изградба на 4 нови детски градинки во населените места Kерамидница, Сингелиќ, Трубарево и Инџиково“ е неисполнето.

Извори:

Оцени: Стојан Синадинов

Преземено од Вистинимер

Зачлени се на нашиот е-билтен