Во готовност се и авионот „Спартан“ и медицинските тимови – Бугарија подготвена да прими уште пациенти

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изрази сочувство за трагедијата во Кочани и се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија.

Радев изјави дека Бугарија е подготвена да прифати повеќе повредени за лекување и дека се чека одговор од македонските власти дали има потреба од преземање на уште десет лица. Во бугарските болници веќе се хоспитализирани 14 повредени кои беа пренесени со воено-транспортен авион „Спартан“ и со амбулантни возила на софиската Итна медицинска помош.

„Во готовност се и авионот „Спартан“ и медицинските тимови. Бугарија ќе продолжи да помага во се што е потребно. Оваа трагедија покажува дека луѓето од двете страни на границата мора да се потпираат еден на друг, не само во овие денови на искушенија, туку и заради нашата заедничка европска иднина“, рече Радев.

Тој им се заблагодари на бугарските медицински тимови и воениот персонал за нивната брза реакција и професионализам во транспортот на повредените и за укажаната медицинска помош.

Македонската амбасадорка Агнеза Руси Поповска ја пречека бугарскиот претседател и изјави дека денеска во Софија се очекува да пристигнат министрите за здравство и надворешни работи, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски, за да ги посетат повредените македонски граѓани.

Во Бугарија денеска е прогласен ден на жалост во спомен на жртвите од Кочани и како знак на солидарност со народот на Северна Македонија.

Бугарскиот Црвен крст, болницата „Н.И. Пирогов“ и Националниот центар за трансфузиона хематологија организираат крводарителска акција за повредените. Првите два часа од акцијата, повеќе од 120 лица во Софија дарувале крв. На паркингот на болницата „Пирогов“ ќе биде поставен шатор на Бугарскиот Црвен крст за примање на крв и за обезбедување психосоцијална поддршка за роднините на настраданите.

Зачлени се на нашиот е-билтен