Во Кочани денеска ќе се одржи нов марш на семејствата на настраданите во пожарот

Фотографија на Ванчо Џамбаски
Фотографија на Ванчо Џамбаски

Во Кочани нов марш на семејствата на настраданите во пожарот. Родителите и блиските на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ денес попладне ќе го одржат седмиот „Марш за ангелите“.

Маршот ќе почне во 16:05 часот од Паркот на Револуцијата и ќе продолжи кон Трговскиот центар по што учесниците ќе се упатат кон општинската зграда, а оттаму кон Полициската станица и пред Основниот суд и Обвинителството во Кочани.

Семејствата на настраданите бараат неселективна правда и ги повикуваат граѓаните да им се придружат. 

Поддршка на маршот даде и движењето „Кој е следен?” кое организира бесплатен автобуски превоз од Скопје до Кочани.

Во четвртокот, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека за десетина дена треба да заврши истрагата и дека се испрашани над 300 лица. По завршување на истражните дејства, одбраната ќе има можност за увид во доказите, а обвинителниот акт се чека да биде готов во средината на јуни. Коцевски повтори дека се работи на собирање и на нови докази и посочи дека ако јавните обвинители откријат нови моменти, истрагата ќе биде проширена. 

Во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март годинава, досега осомничени се 68 физички и три правни лица. Во пожарот загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени. Меѓу загинатите беа и членови на бендот „ДНК“ кои таа вечер имаа концерт во дискотеката. 

Зачлени се на нашиот е-билтен