Во Кочани и Скопје „Марш за ангелите“ и собир по повод шест месеци од трагедијата и за борба за вистината

Во Кочани и Скопје „Марш за ангелите“ и собир по повод шест месеци од трагедијата

Денеска се навршуваат точно шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.

Маршот ќе започне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.

И во Скопје ќе биде има собир по повод шест месеци од трагедијата, со цел да се оддаде почит на загинатите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во организација на граѓанската иницијатива „Кок е следен“.

Собирот е закажан на плоштадот Македонија во 20:16 минути.

„Не беше несреќа, не беше трагедија, беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Вторник, 16 септември, 20:16 минути, младите повикаа на тивок собир и ѕвездено небо. Вака веќе не може. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да нѐ разбесни и поттикне на акција. Најважно е да не престанеме да се бориме за вистината, да не останеме мени пред неправдата, да преземеме одговронсот, секој на свој начин“, се наведува во најавата на социјалните мрежи.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 главно млади лица, а над 200 беа повредени, што е една од најголемите трагедии во независна Македонија

Опоравувањето на најтешко повредените се уште трае.

Родителите, роднините и граѓани секоја сабота во Кочани организираат „Марш на ангелите“ барајќи правда и одговорност, а иако Обвинителството отвори предмет до денес, се уште не е почнат никаков судски процес.

Зачлени се на нашиот е-билтен