Во медиумската професија 2.100 луѓе извршуваат над 3.000 работни позиции

Извор ССНМ

„Најверојатно сме единствената професија во која 2.100 луѓе извршуваат над 3.000 работни позиции. Не може да има слободни медиуми, слободни новинари и медиумски работници со интегритет без да бидат социо-економски обезбедени. Без оваа компонента не е можно производство на професионални и етички издржани содржини кои го штитат јавниот интерес, што впрочем е и основната задача на новинарството“, рече претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Павле Беловски на вчерашна конференција „Стратегиски пристап во одбрана на новинарскиот интегритет“.

На концефенцијата се зборуваше „Како да се справиме со неодржливоста на медиумите, ниските плати и прекувремената работа во новинарската професија?“.

Како еден од најважните документи кои беа презентирани беше „Повелбата за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, документ кој, како што рекоа од ССНМ, претставува основа, насока според која треба да се водат и новинарите и медиумските работници, но и работодавачите со цел создавање соодветни услови за слободно новинарство.

Од ССНМ истакнаа дека во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, во кој е и Повелбата, спроведени биле низа на активности кои, освен што довеле до зацврстување на синдикатот, придонеле и до собирање на голем фонд на податоци за состојбите и условите во кои работат новинарите и медиумските работници.Оттаму произлегле повеќе стратегиски документи за понатамошна борба за подобрување на статусот на медиумските професионалци.

Авторката на Повелбата, Тамара Чаусидис, експертка за работнички права и поранешна претседателка на ССНМ, рече дека иако Повелбата не е обврзувачки документ претставува добар инструмент за промовирање на правата на новинарите и медиумските работници, но и можност за кревање на свеста за потребата од слободното новинарство.

Експертката за работнички права, Неда Чаловска, пак, ја презентираше анализата на договорите за вработување на новинарите и медиумските работници, односно нацрт-договорите што ги вклучуваат сите поединечни права и обврски, земајќи ги предвид и спецификите на професијата, кои би овозможиле заштита на медиумските професионалци од какви и да е притисоци поврзани со работниот процес.

Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС ја претстави „Концептуалната рамка за мерење на напредокот на работните права во медиумскиот сектор“, односно индекс за мерење на работничките права во медиумите, што претставува прв ваков самостоен индекс во регионот и пошироко.

Втората панел дискусија беше посветена на состојбата со локалните медиуми и на неа зборуваа Жанета Здравковска, дописничка за СДК од Битола, која се осврна на предизвикот наречен човек медиум во локалните средини, потоа Светлана Ристеска од Зенит, Прилеп, која зборуваше за падот на приходите на локалните медиуми, Ване Трајков од Дрнка, Струмица се осврна на нелојалната конкуренција која ја прават Фејсбук групите, додека Абедин Билали од ТВ Глоби, Гостивар зборуваше за примерот на монетизација со цел одржување на локалните медиуми.

Инаку, завршната конференција беше организирана во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“ чии спроведувачи се ССНМ и Институтот РЕСИС, а е поддржан од Европската Унија.

Зачлени се на нашиот е-билтен