Големиот пожар кој избувна во дискотека во Кочани и кој резултираше со трагични последици, остави длабоки трауми кај сите нас, особено кај децата, кај оние кои ја преживееа трагедијата но и кај сите кои деновиве се сведоци на колективната тага и болка. Трагедијата не само што го потресе целото општество, туку и создаде големи психолошки последици кај младите кои биле изложени на страшните сцени на насилна смрт и хаос.
Прекршените психолошки бариери, стравот од изгубените животи и чувството на безизлезност создадоа сериозни трауми кои ќе бараат долгорочна поддршка и терапија за децата да се опорават од оваа страшна трагедија.
М-р Анастазија Наумовски, психолог и гешталт терапевт, во интервју за Трн.мк, укажува дека после третата недела од трагични настани, како што беше Кочани, почнуваат да се активираат дополнително сите емоции.
Важно е во тој момент да се примени активна психолошка помош во насока на активно слушање, договор за секојдневен план, емпатија, трпеливост без нудење на одговори и решенија кои не се во сооднос со ситуацијата, вели таа.
„Се вели дека 40 дена е потребно за процесот на обжалување да започне во насока на прифаќање. До тогаш, телото манифестира реакции, а мислата пробува да се стабилизира. Оди во насока од безволност (не сакам да станам од кревет), апатија (не знам што чувствувам), амбивалентност( постоење на контрадикторно чувство) , појава на лутина ( префрлување на кривица), вина (зошто јас не бев на тоа место) до прифаќање и работа на ново настаната животна адаптација“, посочува м-р Анастазија Наумовски.
Децата сакаат да се чувствуваат безбедно и тоа е нешто кое што ние како возрасни треба да им го обезбедуваме, порачува Анастазија Наумовски. Безбедноста дава чувство на смиреност и припадност, а тоа чувство сега е разнишано кај секој од нас без разлика дали е дете или возрасен, порачува таа.
„Прифаќањето дека не секогаш можеме да исконтролираме што ќе дојде, но и прифаќање дека оние кои најмногу ни значеле, не се повеќе со нас. Тоа инволвира ново секојдневие, нови рутини, нови разговори…. Семејствата на најблиските во првите недели се во шок и неверство, каде присуството на најблиското опкружување е од големо значење и преку заедничко практикување на секојдневните работи во кои спаѓаат и потсетувањето за употреба на најосновни работи како храна и вода кои во вакви кризни ситуации телото ги одбива поради доживување на стрес. Присуството и поддршката е неопходно во тие моменти на тага“, М-р Анастазија Наумовски, психолог и гешталт терапевт.