Во петок ќе бидат објавени резултатите за присуството на тешки метали во воздухот по пожарот во Трубарево

Првичните мерења на квалитетот на воздухот во денот на пожарот во објектот на компанијата Ф-Групација во Трубарево покажуваат зголемување на сите параметри од два до три пати над дозволените граници. Најзабележливо е зголемувањето на јаглерод монооксидот, чија просечна дозволена вредност е 10 mg/m³, а измерената концентрација достигнала 300 mg/m³ на едно од мерните места.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, соопшти дека деталните резултати за присуството на тешки метали во воздухот ќе бидат објавени во петок. „Ова се резултати земени на денот на пожарот, од акредитирана лабораторија. Зголемувањето на параметрите е очекувано при вакви настани“, изјави Гиновска.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ и раководител на лабораторијата, Дејан Мираковски, појасни дека се поставени два уреди кои ќе го мерат присуството на честички во воздухот 24 часа на ден во следните пет дена. „Ќе анализираме 32 елементи, меѓу кои никел, кадмиум, арсен, олово и жива. Мериме на две локации – близу пожарот и неколку стотици метри подалеку – за да ја утврдиме концентрацијата на честичките и нивниот состав и да ги споредиме со регулативите“, рече Мираковски.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје ги доби резултатите од тестовите на воздухот и почвата за јонизирачко зрачење, кои покажуваат дека вредностите се во рамките на нормалата.

Зачлени се на нашиот е-билтен