Во постапка е донесување закон за забрана на протести пред Собрание

Во постапка е донесување закон за забрана на протести пред Собранието. Во Собранието на Република Северна Македонија е ставен во процедура на разгледување предлог-закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона, поднесен по скратена постапка од страна на пратеникот Африм Гаши и група други пратеници.

Законот, кој веќе влезе во втората фаза на читање, предвидува сериозни ограничувања во периметарот околу законодавниот дом, вклучувајќи и забрана за протести, јавни собири и летови со дронови, како и градежни активности и поставување инфраструктура во дефинираниот безбедносен простор.

Според член 8 од предлог-законот, конкретно се забрануваат:

  1. Градежни активности;
  2. Поставување на линиска и инсталациона инфраструктура;
  3. Одржување на јавни собири, протести или манифестации;
  4. Летање со дронови и други беспилотни летала над Собранието и безбедносната зона.

Законот исто така предвидува укинување на сите дозволи за градба во зоната кои се одобрени пред неговото стапување во сила, како и раскинување на постоечките договори за земјиште во просторот што ќе биде прогласен за безбедносна зона.

Предлогот го потпишуваат пратениците Африм Гаши, Беким Коку, Блерим Беџети, Борислав Крмов, Весна Бендевска, Никола Мицевски и Оливер Спасовски. Работното тело задолжено за разгледување е Комисијата за одбрана и безбедност.

Овој потег доаѓа во период на зголемени тензии и зачестени протести, што веќе предизвикува реакции кај јавноста и граѓанските организации поради потенцијалното ограничување на уставно загарантираните слободи.

Зачлени се на нашиот е-билтен