Во пожарот во Кочани загина и директорот на Центарот за култура во Штип, Филип Стевановски

Меѓу загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани е и директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, Филип Стевановски, потврдија негови блиски. Неговиот автомобил сè уште е паркиран пред објектот.

Стевановски беше музичар и професор во Средното музичко училиште „Сергеј Михајалов“ во Штип, а на директорската функција стапи на 24 јануари годинава. Како пијанист и тромбонист, образованието го стекнал во Македонија и САД, каде што се доусовршувал во џез и класична музика, а беше и магистер по џез студии.

Бројот на загинати во пожарот се искачи на 59, меѓу кои млади лица на возраст од 14 до 25 години од Скопје, Штип, Кочани и Пробиштип. Меѓу жртвите има и полицаец од Пробиштип кој бил на должност во дискотеката. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека за четири лица е распишана потерница, но не откри колку лица се приведени. Досега се идентификувани 35 загинати, од кои 31 од Кочани и 4 од Штип.

Во Клиничката болница во Штип се лекуваат 39 повредени, а петмина штипјани се потврдени како загинати. Вкупно 155 лица се хоспитализирани низ државата, а дваесетмина во критична состојба ќе бидат префрлени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и Србија, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

Дискотеката „Пулс“ се наоѓа во приземна куќа со еден прозорец со решетки и единствен мал влез-излез. Според сведоштвата, пожарот избувнал околу 2:30 по полноќ, кога пиротехнички средства, користени за светлосни ефекти на концертот на групата ДНК, го запалиле стиропорот на таванот. Следела експлозија, по што се урнал покривот, предизвикувајќи стампедо кон единствената врата. На концертот присуствувале околу 1.500 луѓе.

Зачлени се на нашиот е-билтен