Македонци од земјава и од соседството денеска во Штип се собраа на 30-тата Семакедонска средба во организација на Здружението „Мирка Гинова“ од Штип. На јубилејната средба се говореше за правата на Македонците во соседните земји.
Претседателот на Здружението ОМО Илинден од Сандански, Кирил Тилев, рече дека Македонците од Пиринскиот дел на Македонија сè уште ги немаат основните човекови права – да зборуваат на мајчин јазик и да учат македонска историја. Не им е дозволено да регистрираат здруженија и клубови и, рече, постојано се под притисок на властите.

– Веќе над 35 години се спроведуваат демократски промени во Бугарија, но нема никакви промени кон Македонците. Ние сме репресирани, нема Македонци. Еден бугарски интелектуалец вака рече: Многу нè притискаат да признаеме македонски јазик и македонска нација, но ако ние денеска ја признаеме македонската нација, утре Бугарија ќе започне да се распаѓа, рече Тилев.
Посочи дека над 30 пати имаат поднесено барање за регистрација на здружение, но бугарските власти ги одбиваат.
– Во Пиринска Македонија тешко можеме да отвореме клуб, оти луѓето се плашат. Ни велат вие ќе ни создадете проблем, не смееме да ви дадеме клуб и така си продолжуваме. Но, ние имаме програма по којашто се движеме, си правиме македонски национални собири, празнувања, почитуваме македонски војводи и така правиме. Полицијата и бугарските медиуми нè омаловажуваат заради македонштината, да нè оцрнат, рече Тилев.
Посочи дека повозрасните додека се живи ќе ја чуваат македонската кауза и ќе се борат за правата на Македонците во Бугарија.

Историчарот Никола Жежов забележа дека бугарската пропаганда ги надминува националните граници и, рече, „сведоци сме дека последните години се врши бугаризација на Македонците во Албанија преку издавање пасоши“.
– Ја користат сиромаштијата и неможноста на Македонците да излегуваат надвор со албанските пасоши. Овде упатувам и еден апел до албанската држава да ги преземе сите мерки да ја спречи бугарската пропаганда во Албанија и да ги постави работите како што беа пред последниот попис, каде имаме одредени поместувања благодарение на бугарската пропаганда која жестоко се спроведува врз Македонците. Мислам дека Македонците ќе опстојат таму, ќе истраат и ќе ја зацврстат својата македонска национална свест, изјави Жежов.
Во одбрана на правата на Македонците во Пирин, Егеј и Мала Преспа работи сојузот „Македон“. Претседателот на Сојузот „Македон“, Александар Јаневски, посочи дека досега поднеле 109 претставки до меѓународните судови, најмногу до судот за човекови права во Стразбур. Но, за жал, рече, немаат повратен одговор.

– Ние како Сојуз можеме да им ветиме дека остануваме посветени на решавање на македонското прашање, враќање на граѓанските, имотните и наследните права на Македонците во егејскиот дел на Македонија. Но, исто така, да работиме на унапредување на правата и положбата, да имаат право на школување и образување на својот мајчин македонски јазик, право на организирање во здруженија или политички партии за бранење на нивните права, рече претседателот на сојузот „Македон“.
Претседателот на Здружението „Мирка Гинова“ Штип, Стојан Димков, рече дека веќе 30 години ја организираат Семакедонската средба во Штип и се горди што на едно место ги собираат Македонците од сите страни на државата, но и од соседните држави.

