Нова акција за чистење на Скопје ќе се одржи во среда, 14 октомври, со почеток во 11 часот. Според најавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ќе се чистат повеќе од 50 локации во сите скопски општини, меѓу кои паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите.
Ова е продолжение на првата ваква акција, одржана пред десетина дена. Од Град Скопје најавуваат дека организираното чистење ќе се повторува двапати месечно.
Ѓорѓиевски најави учество на илјадници волонтери, општините, градоначалниците и учениците. Тој ги повика и граѓаните да се приклучат, заедно со своите соседи, пријатели и колеги.
„Секое маало е важно. Секој дел од Скопје заслужува внимание, грижа и чиста околина“, порача градоначалникот во соопштението.
Според Ѓорѓиевски, целта е акциите да прераснат во редовна практика на заедничка грижа за јавниот простор, а одржувањето на чистотата да продолжи и меѓу организираните собирања.
„Вистинскиот успех ќе биде кога грижата за чистотата ќе продолжи и меѓу две акции, секој ден, во секое маало“, истакна тој.
Граѓаните што сакаат да учествуваат треба да се обратат до својата општина за точните локации и начинот на приклучување. Во доставеното соопштение не е приложен список на местата што ќе бидат опфатени.

