Во трагедијата во Кочани има загинати малолетници: Како влегле во клубот? Зошто немало контрола?

Трагедијата во Кочани добива уште позагрижувачка димензија откако директорката на болницата во Кочани, Кристина Серафимова, потврди дека меѓу загинатите има и малолетници. Според нејзината изјава, жртвите се на возраст од 14 до 24 години, што отвора уште посериозни прашања за тоа како во дискотеката биле присутни малолетни лица и кој дозволил ваков ризичен настан без соодветна контрола.

Серафимова изјави дека првиот повик за помош пристигнал во 2:48 часот, по што болницата веднаш била мобилизирана. Поради големиот број повредени, итно биле повикани и здравствени тимови од источна Македонија, но и од Скопје и Велес. Според неа, во болниците низ земјата биле пренесени над 50 потешко повредени лица, додека 20 останале во Кочани со полесни повреди.

„Жртвите се од 14 до 24 години. Дел од починатите имаа лични карти, а други немаа. За повредените кај нас, возраста е од 18 до 23 години“, изјави Серафимова.

Оваа потврда отвора клучно прашање – како малолетни лица влегле во клубот и зошто не постоела никаква контрола која ќе спречеше ваква катастрофа? Одговорноста сега не смее да се сведува само на сопствениците на клубот, туку и на институциите кои дозволиле ваков пропуст.

Зачлени се на нашиот е-билтен