Живееме во време кога повторно е неопходно да си ги збиеме редовите во одбрана од фашизмот за да истраеме во борбата за свет во кој женските права, феминизмот и еднаквоста нема да бидат ставени на клада секојпат кога десничарите ќе се осилат или се случува криза. Конечно, тоа им го должиме на нашите храбри претходнички – да не бидат невидливи, нивната жртва да не биде залудна!
Санела ШКРИЈЕЉ*
Ќе каже народната хероина Мара Нацева на оснивачката конфренција на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија, во 1944 година:
„За првпат во слободно Скопје во ослободена Македонија, македонските жени слободно се собираат, слободно ќе ја кажат својата дума за сите прашања кои нив како дел од народот ги интересира. За првпат во историјата на македонскиот народ, македонските жени се собираат како полноправни граѓани да свесно и одлучно го дигнат својот глас за крајна и потполна победа на омразнениот фашизам.“
Тешко се опишува емоцијата, радоста и честа што имам можност да ви се обратам во име на активистките и борките за човекови права од Македонија, кои се дел од оваа наша Феминистичка антифашистичка мрежа, ФАМА, по повод 80 годишнината од формирањето на АФЖ.
Традиционално, историјата честопати ги игнорира или маргинализира улогите на жените. Славењето на АФЖ е начин да се признаат и валоризираат нивните жртви, храброст и придонеси за ослободувањето на Македонија и другите југословенски земји, за втемелување на вредностите на слобода, суштинска еднаквост и еманципација.
АФЖ е пример за тоа како жените можат да се организираат и да постигнат значајни општествени промени. Организацијата покажа дека солидарноста, заедничките цели и визијата за подобро општество можат да направат разлика.
АФЖ е дел од нашето историско наследство и културен идентитет. Славењето на ова движење ја поттикнува колективната свест за важноста на антифашизмот, слободата и правата на сите граѓани.
АФЖ е инспирација за жените и младите денес, покажувајќи дека промените се можни кога луѓето се обединети околу заедничка визија.
Славењето на АФЖ не е само почит кон минатото, туку и повик за продолжување на борбата за еднакво, праведно и слободно општество.
Во времиња кога сите ние сè почесто се сопнуваме од фашистички наративи, облечени во популизам и женомразење, кога национализмот се преправа како патриотизам, не само што е важно, туку ни е насушно потребно да го вратиме духот на АФЖ, да ја продолжиме борбата за еднаквост – и да се погрижиме таа да биде гласна, да расте и да биде светол пример за солидарност и емпатија!
Да учиме и чекориме по патот на нашите претходнички дека е неприфатливо да молчиме пред неправдите! Да учиме од нашите баби и прабаби кои знаеле дека моќта е во здружувањето, а не во индивидуализмот, знаеле дека силата е во грижливите заедници, заедници во кои се грижиме едни за други и секојдневно секој од нас работи за доброто на сите – затоа што само така може да се надеваме дека ќе живееме во правични и безбедни општества, општества во кои секој ќе може живее во социјална благосостојба и да ја ужива својата сексуална и репродуктивна слобода.
Живееме во време кога повторно е неопходно да си ги збиеме редовите во одбрана од фашизмот за да истраеме во борбата за свет во кој женските права, феминизмот и еднаквоста нема да бидат ставени на клада секојпат кога десничарите ќе се осилат или се случува криза. Конечно, тоа им го должиме на нашите храбри претходнички – да не бидат невидливи, нивната жртва да не биде залудна!
Сите ние коишто сме собрани денес делиме заедничко минато од коешто можеме и ден-денес многу да учиме и да научиме, и со очи вперени кон иднината, да даваме се‘ од себе и никако да не се откажуваме од стремежот да ја направиме сегашноста поправична, поеднаква, антифашистичка, феминистичка!
Да живее АФЖ, да живее женската солидарност!

*Текстот на Санела Шкријељ е нејзиното обраќање настанот по повод одбележување на 80 години од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) што се одржа во Кинотека на Македонија во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во соработка со Региноналната феминистичка антифашистичка мрежа (ФАМа)