Во завршна фаза рехабилитацијата на патот Охрид – Св. Наум

Рехабилитацијата на магистралниот пат Охрид – Св. Наум, во должина од 24,3 километри, влегува во финална фаза, информира Министерството за транспорт и врски. Вредноста на инвестицијата изнесува 11,6 милиони евра, обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Досега е комплетно асфалтиран потегот од граничниот премин кај Албанија до селото Пештани (околу 19 километри). Преостанува да се заврши делницата од Пештани до хотелот Метропол, во должина од приближно пет километри. Според најавите, работите треба да бидат финализирани до крајот на јуни.

Во рамки на проектот, извршено е и расчистување на нестабилни карпести косини за зголемување на прегледноста и безбедноста во сообраќајот. На делови од трасата е монтирана заштитна челична мрежа и ограда. Следуваат и завршни активности: поставување на сигнализација и доасфалтирање на преостанатиот сегмент.

Патот претставува главна сообраќајна врска кон манастирскиот комплекс Св. Наум, а воедно е дел од патниот правец кој ја поврзува Македонија со Албанија. Рехабилитацијата е најавена како дел од напорите за подобрување на инфраструктурата во охридскиот регион, особено пред летната туристичка сезона.

Зачлени се на нашиот е-билтен