Густ чад го задуши Скопје, а воздухот стана опасен за дишење. Македонија полека но сигурно влегува во критична фаза – не само поради огнените фронтови што беснеат низ државата, туку и поради енормното загадување кое го гуши населението.
Од Милениумскиот крст, Скопје вечерва личи на гасна комора – чадот ја покрива целата котлина. Според податоците од платформата „Мој воздух“, загаденоста е во жолта фаза.

Зад оваа загадена слика се крие една поширока драма: Македонија гори. До 13 часот, регистрирани се 15 активни пожари – од кои седум сè уште се неконтролирани. Оган беснее во југоистокот и централниот дел од земјата. Во Берово, Радовиш, Василево, но и во Македонски Брод, Прилеп, Демир Капија и Желино, огнот проголтува шуми, ливади и пасишта.
Пожарите се шират брзо поради високите температури и силниот ветер. Во Беровскиот и Бродскиот регион, пламенот зафати густ шумски предел, додека кај Кочани денеска избувна пожар и во куќа во строгиот центар – три лица завршија во болница поради вдишување чад.
Иако пожарникарите, војската и доброволците се постојано на терен, дел од пожарите сè уште се далеку од контрола. Само во неколку подрачја – како во делови од Прилеп, Брод, Ресен, Велес, Куманово и Дојран – огнот е или изгаснат или ставен под контрола.

Но ситуацијата останува критична. Македонија е официјално ставена под жолта тревога, што значи средно до високо ниво на ризик. Надлежните повторно апелираат: никаков оган на отворено, ниту најмала искра не смее да се занемари.
Земјата гори, воздухот гуши, a опасноста, за жал, е сè уште тука.