Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кога се приближил до пешачкиот не ја намалил брзината и не запрел, ја прегазил 22 годишната Фросина

Дваесет-годишниот возач кој вчера усмрти 22-годишна девојка на булеварот Партизански Одреди во Скопје бил под дејство на алкохол, немал возачка, возел брзо и поминал на црвено. Тој, претходно бил осуден за дрога, но судот го третирал како помлад малолетник. Сега е во притвор и му се заканува затворска казна од најмалку четири години.

Како што објави Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје), несреќата се случила на пешачки премин каде возачот не запрел да ја пропушти девојката иако на семафорот било вклучено црвеното светло. Според ОЈО Скопје, 20-годишникот возел „Пежо 207“ во сопственост на татко му.

„Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето“, соопшти обвинителството.

Оттаму додаваат дека кога се приближил до крстосницата меѓу бул. „Партизански Одреди“ и ул 29 Ноември (кај пекара „Силбо), тој не ја намалил брзината и не запрел на време на пешачкиот премин. Според обвинителството, во тој момент 22-годишната Фросина Кулакова веќе го преминувала булеварот на пешачки премин, а на семафорот за возилата било вклучено црвеното светло. Тој се движел по десната лента на булеварот и со предниот лев дел удрил во Фросина по што таа починала на лице место.

Обвинителството го гони 22-годишникот за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик. Член 300 предвидува затворска казна од најмалку четири години. Обвинителите, исто така, побарале притвор за осомничениот, што било одобрено.

По бурната реакција во јавноста и медиумите, ОЈО Скопје излезе со уште едно соопштение во кое наведе дека претходно за истиот осомничен е побаран и одобрен притвор и тоа за Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Но, како што додаваат оттаму, Основниот кривичен суд Скопје момчето го третирало како помлад полнолетник и го пратиле во воспитно -поправен дом Тетово.

„Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување“, се вели во соопштението од Обвинителството. Тие поднеле жалба на ваквата одлука на судијата, како што велат „имајќи го притоа предвид и претходното поведение на сторителот“. Судијата уште нема одлучено по жалбата на јавните обвинители.

Инаку, според статистиката на Министерството за внатрешни работи, најчеста причина за сообраќајните несреќи во периодот од 2010 до 2023 година е брзото возење.

Зачлени се на нашиот е-билтен