Дел од раководството на Партијата на пензионери за утре, 1 септември, најави конференција за печат, на која, како што се вели во поканата за настанот, ќе го соопштат нивниот став во врска со несогласувањето и незадоволството во партијата од отпочнувањето на коалициска соработка со актуелната власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ.
„По повод несогласувањето и незадоволството на дел од раководството на Партијата на пензионери заедно со значителен број на членови и подржувачи на Партијата од повеќето општински организации, во врска со отпочнувањето на коалициска соработка со актуелната власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ, која беше повод на жестоки и бројни критики и предизвика разочарување, револт и раслојувања во ПП, која за нас е неприфатлива, ве повикуваме на прес конференција за медиумите“, се вели во известувањето.
Прес конференцијата ќе се одржи во Паркот „Жена борец“ пред споменикот на основачите на АСНОМ, на која, како што се најавува, ќе биде поделена и писмена изјава за средствата за информирање. Во јуни оваа година Партијата на пензионерите соопшти дека ја напушта коалицијата со СДСМ и дека започнуваат соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот лидер и поранешен пратеник на СДСМ, Илија Николовски, тогаш рече дека во интерес на пензионерите е секогаш да бидат со властa.