Полуматурантите кои не успеале да се запишат во средните училишта на првиот уписен рок во јуни, денеска имаат уште една можност. Второто електронско пријавување за учебната 2025/2026 година почна денес, а потребните документи учениците ќе ги доставуваат утре. Конечната ранг-листа со примени ученици ќе биде објавена в среда, 2 јули, до 12 часот.
Според Министерството за образование и наука, за второто јунско пријавување има вкупно 16.034 слободни места. Од нив, 10.758 се на македонски наставен јазик, 4.781 на албански, 474 на турски, и 21 место за српски наставен јазик. Гимназиското образование нуди 3.727 слободни места, додека стручните училишта имаат слободни места за 12.307 ученици.
Во првиот уписен рок, кој се спроведе од 14 до 17 јуни, се пријавиле 16.601 ученик, од кои запишани се 13.712. Најголем број од запишаните, 10.172 ученици, се на македонски јазик, 3.248 на албански, 279 на турски и 13 на српски јазик.
Како што покажуваат последните неколку години, учениците се почесто се определуваат за стручно образование. На првото пријавување во јуни годинава, дури 9.469 ученици одбрале стручни училишта, наспроти 4.243 кои одлучиле да се запишат во гимназија.
Инаку, конкурсот за гимназиско образование веќе е затворен во гимназиите „Јосип Броз Тито“ во Битола и „Никола Карев“ во Скопје, а истото важи и за одредени стручни насоки во неколку училишта низ државата.
Учениците кои нема да успеат да се запишат и на ова второ пријавување, следната шанса ќе ја имаат во августовскиот рок. Тогаш електронското пријавување и доставувањето на документацијата ќе бидат на 21 август, додека конечните резултати ќе се објават на 22 август.