Комуналните претпријатија од општините Виница, Зрновци и Чешиново – Облешево кои собраниот отпад го исфрлаат на депонијата во Кочани, во иднина на кочанското комунално претпријатие ќе му плаќаат по 220 денари за кубен метар.
Висината на надоместокот денеска ја договорија градоначалниците од четирите општини во регионот, при што потпишаа и меѓусебен договор. Со тоа треба да се надмине проблемот околу обезбедувањето финансиски средства за третман и уредување на просторот на депонијата кај селото Бели.
-Според договорот Општина Кочани, преку КЈП „Водовод“, ќе презема активности за управување со депонијата, согласно членот 28 од Законот за управување со отпадот, на начин што нема да се дозволи расфрлање на отпадот. Количините на депонираниот отпад ќе се утврдуваат на дневна основа на самата депонија, според носивоста на возилата. Средствата треба да се уплатат во рок од 15 дена од денот на приемот на извештаите на сметката на комуналното претпријатие, кое пак ќе изготвува месечен извештај што ќе го доставува до општините потписнички на договорот, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Обврска на комуналното претпријатие „Водовод“ е редовно да го собира отпадот и да го расчистува просторот во депонијата, со што ќе се спречи негово расфрлање во околината и ќе обезбеди одржување на јавната чистота. Исто така, обврска на Општина Кочани ќе биде обезбедување на 24-часовна чуварска служба на депонијата.
Доколку во меѓувреме произлезат прашања коишто не се предвидени со потпишаниот договор, тие дополнително ќе се уредуваат со анекс.