Изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10д продолжува со засилен теренски ангажман, покажува најновиот месечен извештај за надзор на работите. Во мај изведувачот „Бехтел и Енка“ најмногу работел на геотехнички истражувања, проектирање, подготовка на експропријација, привремено управување со сообраќајот и откривање експлозивни направи, како и на земјени и конструктивни зафати на трасата.
Во истиот месец државата преку Јавното претпријатие за државни патишта исплатила 681 милион денари (околу 11 милиони евра) кон изведувачот. Претходно, годинава беа извршени две исплати: 599,8 милиони денари на 22 април и 524,9 милиони денари на 30 април. Со ова вкупно се исплатени повеќе од 312 милиони евра од предвидените 1,3 милијарди евра според договорот потпишан во март 2023 година.
Извештајот нотира дека експропријацијата напредува со 87 % завршеност на трасата Тетово‒Гостивар, 72 % на Гостивар‒Букојчани и 78 % на Прилеп‒Битола. Геотехничките истражувања се завршени целосно кај Тетово‒Гостивар, 73 % кај Букојчани‒Гостивар и 63 % кај Прилеп‒Битола.
Во делот на спецификациите и проектирањето, напредокот изнесува 69 % на делницата Тетово‒Гостивар, 35 % на Букојчани‒Гостивар и 50 % на Прилеп‒Битола. За Требеништа‒Ќафасан се планира ревизија на трасата, поради потребата да се заштити статусот на Охридското Езеро и неговиот регион.
До крајот на мај на проектот биле ангажирани 1 929 работници и 1 119 градежни машини, што укажува на засилено темпо на изведба во пресрет на градежната сезона.