Една милијарда евра директни странски инвестиции до крајот на изминатата година се реална цел, изјави претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо. Тој нагласи дека државата треба да инвестира во образование и постојано да ја унапредува бизнис-климата за да привлече квалитетни инвеститори.
„Важно е да се фокусираме на износот на реализирани инвестиции, наместо на најавите од кои многу останаа неисполнети. Клучот е во технолошки напредни проекти и знаење кое го внесуваат новите инвестиции,“ истакна Мизо.
Мизо посочи дека падот на странските инвестиции глобално влијае и на Македонија. Сепак, постојните инвеститори во земјата продолжуваат да ја гледаат како атрактивна дестинација за зголемување на капиталот.
„Државата треба да подготви сеопфатна стратегија, да вложи во професионален кадар и да обезбеди брза и ефикасна поддршка за инвеститорите,“ додаде тој.
Во однос на глобалниот минимален данок од 15%, Мизо не очекува одлив на инвестиции, но истакна дека е важно државата да нуди атрактивни опции наместо фискални олеснувања.
„Институциите треба активно да ги разјаснат регулативите и да ги разберат потребите на компаниите. Само така ќе обезбедиме раст и конкурентност,“ рече тој.
Падот на германскиот извоз влијае на македонската економија, која силно зависи од автомобилската индустрија. Мизо сугерира диверзификација на извозот и нови сектори за одржлив економски раст.
„Со заеднички напори на државата и инвеститорите, може да ја амортизираме кризата и да ја зголемиме конкурентноста на земјата,“ заклучи Мизо.