Напната атмосфера денеска во македонското Собрание, каде речиси дошло до физичка пресметка меѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, а интеревенирало обезбедувањето.
Инцидентот, кулминирал кога Апасиев и Ристески се сретнале во собранискиот ходник. Ристески, вознемирен од извештајот за патни трошоци, наводно започнал со навреди, а потоа и физички се приближил кон Апасиев. Според информациите во дел од медиумите Апасиев дури и фрлил шољи за кафе.

Својата верзија на случувањата ја даде и пратеникот Ристески преку објава на Фејсбук, обвинувајќи го Апасиев дека намерно провоцира и се обидува да добие медиумско внимание преку конфликти.
„Наводите во дел од медиумите не се точни. Не е првпат хистеричниот лидер на Левица да глуми жртва и да провоцира конфликт, физички или вербален. Нам ни преостанува или да го игнорираме или да одговориме соодветно. Грешка е да му се одговори и да се падне на неговото ниво на однесување“, напиша Ристески, додавајќи дека Апасиев „се обидува да добие медиумско внимание преку кавги наместо преку идеи, програми и проекти“.
Ристески заклучува дека ваквите инциденти го нарушуваат угледот на институцијата и ја одвлекуваат фокусот од суштинската задача на пратениците – креирање политики за напредок на државата.