Актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши не е опфатен со истрагата за клубот „Пулс“ во Кочани, бидејќи досега не постои ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата за објектот – информира денес државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Коцевски прецизираше дека истрагата засега опфаќа 45 физички и три правни лица. Против едно од лицата, кое во меѓувреме починало, постапката ќе биде прекината. Покрај тоа, се води и истрага против седум полициски службеници.
„Целта е истрагата да биде темелна и ефикасна, со конкретни резултати“, порача Коцевски.
Министерот Тошковски нагласи дека Министерството за внатрешни работи презело сериозни чекори за расветлување на правно-кривичниот случај, истакнувајќи дека „законот важи за секој што ќе се огреши од него“.
„Ќе продолжиме со постапки секогаш кога ќе има основани докази“, рече Тошковски.